АКВАДУКТ

Аквадуктот во Скопје се наоѓа на север од центарот на градот меѓу Скопската тврдина-Кале и археолошкиот локалитет Скупи. Тој е изграден над долината на реката Серава, на надморска височина од околу 300 метри. Аквадуктот спроведувал вода од Скопска Црна Гора до Скопската тврдина. Растојанието меѓу  Скопска Црна Гора и Аквадуктот е околу 10 км.

Периодот на изградба на Аквадуктот во Скопје останува неодреден. Според едни податоци, споменикот бил изграден во 6-тиот век во времето на византискиот император Јустинијан 1-ви,а според други бил изграден во 15-тиот век. Се претпоставува дека тој сеуште бил во употреба при крајот на 19-тиот век.

Аквадуктот е долг 386 метри и има 54 главни сводови и 42 т.н. ”олеснувачки” засведени отвори поставени над столбовите. Долниот дел на Аквадуктот го сочинуваат 53 квадратни или правоаголни столбови и 2 странични рампи-северна и јужна,со нивните темели.

Столбовите во најстара фаза на градење изведени се од речен и кршен камен во карактеристични либажни редови од тула стар формат со делумна употреба на камени плочи други фрагменти во варов малтер. Од вкупно 42 ”олеснувачки” отвори, на 32 тимпаноните се срушени, додека 10 се сочувани. Челните ѕидови се од мешовита ѕидарија, камен и тула во варов малтер, со архиволти и надворешни лакови од тула, над кој има надложни оградни ѕидови исто така од мешовита ѕидарија.

На објектот се забележуваат повеке фази на градење и преправки. Поголемиот дел од тие преправки потекнуваат од крајот на 19-тиот и почетокот на 20 век. По Втората светска војна, 3 сводови биле минирани и срушени за да се демонстрира како се минираат сводови на мост. Истите се обновени во 1968 година, според мислењето на некои стручни лица,несоодветно.

За датирањето на Аквадуктот во Скопје постојат повеќе претпоставки, од кои ниедна не е со сигурност потврдена односно неопходни се дополнителни истражувања.

  • Прва половина на 6 век – Според историски пишани извори, после земјотресот во 518 година, во Провинцијата Дарданија делумно или целосно биле уништени 24 градови, меѓу кои и Скупи, кои останал во урнатините скоро 9 години. Византискиот император Јустинијан 1, започнал целосна реурбанизација и обновување на 61 град-тврдина и изградба на 8 нови. Исто така, се претпоставува дека темелна реурбанизација била направена и во Скопје и некои научници сметаат дека е логично да се претпостави дека Аквадуктот бил изграден некаде меѓу 527-554 година, според Прокопиј Цесариенсис, кој напишал дека покрај многу убави згради, замоци, цркви, фонтани и мостови, бил изграден и систем за водоснабдување на градот Јустинијана Прима.
  • 15 век – Во книгата Османлиски споменици во Скопје од Лидија К. Богојевиќ, наведено е дека Аквадуктот бил изграден во 15 век од Мустафа Паша кој изградил неколку објекти во Скопје.
  • 16 век – Во книгата Спомениците на културата во Македонија од Коста Балабанов, Антоние Николовски, Димитар Ќорнаков, изнесена е претпоставка дека Аквадуктот е изграден во 16 век како дел од Иса-беговиот водовод. Ова е базирано на книгата на патописецот Евлија Челебија, каде е наведено дека Скопје добивал вода од реката која тече од Качаник и била дистибуирана со Иса-беговиот водовод. Оваа претпоставка била оспорена посебно со некои археолошки истражувања правени во 1975 година и 2004 година година, каде е утврдено дека цевките на Иса-беговиот водовод се поинакви од цевките употребени на Аквадуктот и водоводот поврзан со него.
  • 16 век – Во статијата Аквадуктот крај Скопје и проблемот на неговото датирање од Константин Петров, изнесена е претпоставка дека Аквадуктот е изграден во 16 век, кога во Скопје се изградени речиси сите амами и кога градот имал постојана потреба од обилно снабдување со вода. Освен тоа, биле изнесени и аргументи зошто Аквадуктот не може да биде римски, рановизантиски или доцно византиски.

Како и да е, во врска со изгедот, состојбата, датирањето и функционирањето на Аквадуктот има повеќе пишани податоци во литературата. Но, досега не се вршени  системски археолошки испитувања околу споменикот. Единствено во 2008 година, извршени се минимални сондажни од двете страни на јужната рампа, при што сондите биле на растојание од објектот и не е констатирано постоење на културни слоеви. Сепак, датумот за постоењето на најстариот Аквадукт останува на вас да го одредите.