ЦРКВАТА СВ.СПАС

На ова место биле изградени повеќе цркви, но ниту една не останала после различните поробувања и угнетувања на Македонија. На истото место, кон средината на ⅩⅥ век е изградена црква, посветена на Св.Спас. ако се гледа од надвор, црквата по својата конструкција се покажува како неуредна градба, што е резултат на таложењето на големите наноси околу ѕидовите.

Црквата е трикорабна. Внимание привлекува западниот дел на црквата, каде е изградена убава дрвена галерија, наменета само за жени – верници. Изгледот на денешната црква му припаѓа на ⅩⅨ век.

Најголемата вредност на црквата е иконостасот, зад чија изработка стојат имињата на Петре Филиповски – Гарката, неговиот брат Марко и Макарие Фрчковски, од с. Галичник. Колективниот труд траел цели 6 години, почнувајчи од 1819 година до 1824 година.[1] Резбаниот иконостас опфаќа теми од Стариот  и Новиот завет. Она што е важно за оваа црква, но и доста значајна информација за нашата историја, која секако, треба да се пренесе на туристите, е дека во наосот на црквата се чува резбаната кутија со која биле пренесени, а во дворот на црквата се наоѓа мермерниот саркофаг во кој почиваат коските на големиот револуционер и идеолог на македонската револуција Гоце Делчев.

[1] Прирачник – курс за туристички водичи, Универзитет “Св. Климент Охридски”, Факултет за туризам и угостителство, Охрид, 2008 година, стр. 202