ХАВЗИ – ПАШИНИ КОНАЦИ

Чифлигот на Хавзи паша со конаците во селото Бардовци бил подигнат во првата половина на 19 век најверојатно од 1830 до 1845 година. Oколу 1820 година Хавзи паша станал скопски паша, а во 1845 година го напуштил Скопје и набргу потоа умрел. Во време на Балканската и Првата светска војна некои од зградите биле сериозно оштетени додека главните станбени згради биле сочувани. Ваквата состојба е одржана до пред крајот на Втората светска војна. Во 1944 година целата конструкција од покривите и катовите на конаците била урната до приземјето, кога се повлекувале германските војски. Конаците во Бардовци претставуваат еден од највидните споменици на станбената архитектура на Балканскиот полуостров од времето на феудалното уредување.  Тие во Турската империја се одржале до 19 век. Меѓу многубројните конаци со слична намена што биле изградени од разни видни Турци во Македонија, на Косово, во Босна и Србија се смета дека конаците во Бардовци биле најголеми, а се истакнувале над другите по стилската обработка и декоративното богатство. По својата содржина и структура конаците и населбите во Бардовци ги носат карактеристиките на слични комплекси – чифлици со населбите што се граделе во рамките на тогашната Турска империја. Населбата во Бардовци се состоела од два дела: селска населба и конаци, за разлика од другите чифлици што се од затворена форма и концентрирани кон станот на господарот. Чифликот во Бардовци се одликува со отворен систем на изградба и урбанистичка диспозиција во поставувањето на целината на чифликот. Хавзи паша спровел плански распоред на куќите во населбата. Одделувајќи ги конаците од населбите, тој овозможил подобри услови на индивидуалниот живот на чифликчиите, отколку што им бил обезбеден на тие што живееле во населбите од затворен тип, каде што во материјалната зависност се огледала потчинетоста на неговите селани-чифликчии. Конаците претставувале населба наполно организирана за животот на господарот со целата негова фамилија, прислужници, чувари и придружба.

Целиот комплекс бил наполно ограден со камени ѕидови високи пет метри. По должината на ѕидовите, од надворешната страна биле распоредени осум кули кои служеле за одбрана во случај на евентуални напади. Таму стоеле стражари. Во случај на последна одбрана служела специјална зграда во средината од комплексот во која се повлекувал и господарот. Вкупната површина е поделена на три дела, одвоени со ѕидови во висина на надворешните. Распоредот на зградата бил типичен за муслиманскиот стан: во средниот дел се наоѓал селамлук – зграда за мажи, а во источниот дел бил харемлук – зграда во која живеат женските членови на семејството и нивните деца. Во западниот дел се наоѓале просториите за коњи – коњушницата. Во секој од овие дворови се наоѓале и помошни згради. Меѓу главните две згради – селамлук и харемлук, на самиот преграден ѕид се наоѓала зграда во форма на кула градена од камен со повеќе соби во приземјето и катот. Таа служела како ризница, магацин за оружје како и за повлекување на господарот и другиот персонал во случај на крајна одбрана од непријателот. Во висина на првиот кат се наоѓале дрвени мостови што ги поврзувале двете главни згради наполно издвоени. Женскиот двор бил поподреден од машкиот, бидејќи тука се одвивал и колскиот промет. Во конакот имало повеќе влезови. Главниот бил тој што водел во машкиот двор спроти селамлукот, покриен со мал покрив. Тој бил најубаво обработен. Другите делови во конакот биле поврзани со помали вратници, исто така обработени. Сочуваните три мали влеза на надворешниот ѕид биле подоцна отворени. Диспозицијата на основата, надворешното обликување, внатрешната обработка и големина, практично биле идентични и на селамлукот и на харемлукот со минимална разлика во деталите, како една карактеристична мала кула изработена во стакло која служела за теферич на жените од харемлукот. Основната композиција на зградата била наполно симетрична: се состоела од приземје и кат без визба, со ист распоред на просториите. Катот се одликувал од приземјето по внатрешната обработка, внатрешното уредување и декорација. Во центарот на катот се наоѓал голем хол кој кон фасадата се ширел во трем галерија, а на спротивната страна во широк простор во кој биле сместени скалилата што се завршувале со доксат на северната страна. Оската што се формирала од овие пространства ја делела зградата на два подеднакви дела. Покрај него се поставени четири главни соби, две споредни и две оџаклии. На катот покрај фасадните соби се наоѓале и две остави. Во приземјето сите соби биле наменети за живеење. Сејкоја од нив имала: печка, амалук, долапи, одвоен пристап во собата ниши за палење на свеќи и ламби. Во катот просториите биле наменети за дневен престој и прием. Во четирите главни соби биле поставени богато украсени големи камини. Ѕидовите на приземјето се градени од кршен камен и варов малтер со дебелина од 65 до 70 см. Ѕидовите на катовите биле во дрвен бондрук – исполнет со печена тула. Ѕидовите на приземјето не биле малтерисани, туку само дерсовани – ѕидовите на катовите биле наполно малтерисани. Таваните и покривната конструкција биле од дрвен материјал, а покривот од плитка керамида. Еркерското проширување на основата од првиот кат било изведено на бочните фасади за остава и за собите оџаклии кои се потпирале на по два дрвени столба. За разлика од постојните конаци (конакот на кнегината Љубица во Белград, на кнез Милош во Топчидер), конакот во Бардовци се одликува со вешто вкомпониран хол на првиот кат, кој во исто време се користел за свечености. Просториите во конакот – ѕидовите на главните соби – биле изработени со гипс, поделени на панои, таваниците биле украсени со богата профилација. Камините во собите и чешмата во холот биле од мермер и гипс. За мајсторите и градителите на конакот за сега нема никакви податоци.