КАМЕНИОТ МОСТ НА ВАРДАР

Не постои турист кој што го посетил Скопје, а сепак не поминал по камениот мост на реката Вардар. Не постојат сигурни и веродостојни податоци кои би ја утврдиле староста и времето на изградба на мостот, па постојат две мислења. Според првото, мостот настанал за време на ромејското владеење, кон средината на Ⅵ век од новата ера, непосредно по катастрофалниот земјотрес во 518 година, кога бил разурнат античкиот град Скупи. Според второто, што можеби е поверодостоен извор, при владеењето на Турците, односно во втората половина на ⅩⅤ век, под покровителството на султанот Мехмед Ⅱ освојувач, помеѓу 1451 и 1469 година.[1]

Во својата првобитна форма, мостот имал 13 свода, а неговата широчина изнесувала 6,33 метри. Мостот е изграден од травертински блокови наредени со големо мајсторство и прецизност. При естетското обликување се водело сметка за украсување на фасадите, при што се употребени познатите декоративни елементи (сталактити) од исламската цивилна и верска архитектура.

Како и многу други места објекти и градби, така и Камениот мост низ вековите претрпел повеќе оштетувања, па потребни биле санирања и негова обнова. Најпрво, мостот настрадал од големиот земјотрес во 1555 година. Интервенции од градежен карактер на мостот биле правени и подоцна. Во 1944 година Камениот мост бил миниран од страна на фашистичката окупаторска војска. Но при ослободувањето на градот било спречено активирањето на поставениот динамит и, на тој начин, мостот бил спасен од стравотното уривање и негово целосно уништување.

Она што е посебно важно за нашата историја и поврзаноста на истата со Камениот мост е тоа дека истиот бил арена на која се извршувале поголемиот број  на смртни казни, за време на петвековното ропство на македонскиот народ од страна на Османлиите. Дури, имало и такви потресни моментикога плочите на мостот биле “украсувани” со пресечените глави на македонски востаници, а по 1689 година на овој мост е набиен на кол македонскиот борец за ослободување од османлиското ропствои легендарниот јунак Карпош.

Според овие историски хронолшки податоци може да се заклучи дека Камениот мост на реката Вардар, за граѓаните на град Скопје не е само еден обичен објект за комуникација меѓу двата брега на Вардар, туку е важен дел од историјата на градот и на неговите жители.

Кога се поминува стариот Камен мост, се влегува во Старо Скопје и во неговата надалеку прочуена Чаршија. На околу 100тина метри од мостот, од едната и другата страна на улицата се наоѓаат спомениците на културата, кои се најчесто посетувани од страна на туристите: црквата Св. Димитрија и Даут – пашиниот амам.

SkopjeKamenMost-620x330

Камениот мост на реката Вардар