ДАУТ – ПАШИН АМАМ

Објектите кои имале профан карактер, а се изградувале во времето кога Турците владееле со македонската држава можат да се поделат во неколку категории: анови, амами, безистени, медреси, саат – кули, конаци итн.[1]

 

Всушност, ановите биле места каде патниците можеле да преноќат, места како денешните мотели. Еден од најпознатите амами во градот Скопје е Даут – пашин амам, за чија изградба е заслужен везирот на Румелија, Даут – паша помеѓу 1489 и 1497 година. Неговата форма е во вид на правоаголник со рамни фасади кои се живописно обликувани. Амамот има вкупно 13 куполи, обложени со олово. Поделен бил на два дела со чекална и просторија за преслекување. Некои од просториите биле како сауни, додека другите биле изработени од бел мермер каде во мермерните садови се собирала водата за капење. Со самата поделба на два еднакви дела може да се констатира дека амамот бил направен за користење подеднакво и од мажи и од жени.

 

Големината на амамот отсекогаш предизвикувала внимание, посебно кај оние кои за првпат го гледаат, па постоел голем сомнеж околу тоа, дали овој амам може да се задопли и дали воопшто некогаш бил ставен во употреба.

 

Постојат неколку легенди околу тоа дали некогаш амамот бил пуштен во употреба.[2] Една од нив раскажува дека за одржување на температурата во просторот и на топлата вода било потребно големо количество дрва, кои се набавувале од планината Водно. Меѓутоа, бидејќи тамошната шума била наполно уништена, недостигот од дрва предизвикал затворање на амамот. Друга легенда вели дека, пред пуштање во употреба, амамот го посетила ќерката на везирот Даут – паша.но, од ѕидовите излегла голема змија – отровница и ја каснала девојката. Таа починала, а Даут – паша наредил амамот да се затвори.

За реставрација на овој објект се носи одлука во 1948 година, кога овој простор е уреден како уметничка галерија. Денес, во просториите на Даут – пашин амам се одржуваат многубројни индивидуални, но и колективни изложби на ликовни уметници, како од нашата земја, така и надвор од неа. И секако, ова место е едно од најпосетувани во град Скопје, заа што говорат понудите на туристичките агенции.

[1] Прирачник – курс за туристички водичи, Универзитет “Св. Климент Охридски”, Факултет за туризам и угостителство, Охрид, 2008 година, стр. 202

[2] Балабанов К., “Скопје и старата скопска чаршија”, Југореклам, Скопје, 2012 година